Луѓе што оставиле трага

Војислав Спасиќ е познат просветен и спортски работник во кумановската општина. Тој е роден на 31 август 1938 година. Oсновно училиште од прво до четврто одделение учел во Умин Дол, а од петто до осмо одделение завршил во основното училиште Вук Караџиќ во Куманово. Во Куманово продолжил и со средношколско образование и тоа во Гимназија. По завршување на Гимназијата, завршил диференцијална матура во Битола, по што работел една година како учител и една година како наставник во Младо Нагоричино. Во 1959 година се запишал на педагошка академија во Скопје, насока француски и македонски јазик и студирал се до 1961 година.

Војислав Спасиќ
По отслужување на воениот рок работел две години како наставник по француски и македонски јазик во Умин Дол. Од Умин Дол се префрлил во основното училиште Вук Караџиќ во Куманово и таму работел се до пензионирањето, 2000 година. Во периодот од 1992 година до 1999 година бил назначен за директор на ова училиште, а останатиот период работел како наставник. Војислав Спасиќ покрај во образованието има дадено голем допринос и во спортот, првин како сојузен ракометен судија, а по завршувањето на судиската кариера и како делегат контролор . На голема жалост на сите оние што го имаат запознаено овој човек, тој повеќе не е меѓу нас.


Живко Спасиќ е роден на 12 септември 1946 година. Основно училиште завршил во Умин Дол, по што со образованието продолжил во школата за физичка култура Методи Митевски Брицо во Скопје во периодот од 1963 година до 1966 година. Уште во овој период тој започнал да го покажува својот спортски талент занимавајќи се активно со атлетика. По завршувањето на средното училиште се запишал на Виша школа за физичка култура во Скопје, на која дипломирал во 1972 година. Во периодот додека студирал почнал и да работи како стручен учител по физичка култура во основното училиште Вера Которка во Клечовце и тоа во 1968 година.

Живко Спасиќ
Покрај студирањето и работењето тој активно се занимавал и со играње фудбал во фудбалскиот клуб Куманово се до 1973 година, кога поради здравствени причини се откажал од фудбалот. Значајно е да се спомене дека со Куманово настапувал и во тогашната силна втора југословенска лига. Во 1976 година се префрлил да работи во средното училиште Перо Наков во Куманово како наставник, а по завршувањето на факултетот за физичка култура во Скопје во 1982 година и како професор. Два мандати бил и заменик директор во ова училиште. Од неговата спортска биографија на успешен спортски работник може да се истакне и тоа дека три-четири години бил тренер на женскиот ракометен клуб Куманово.


Тонче Величковски бил секретар на Економскиот факултет во Скопје. Тој е роден на 17 мај 1949 година . По дипломирањето на Правниот факултет, се вработил во Републичкиот секретаријат на народна одбрана на СР Македонија како стручен соработник. Во 1977 се вработил во "Ремонт" во Скопје на функцијата Директор на општокадровскиот и правен сектор. Од 1 ноември 1980 година стапил на ново работно место на Економскиот факултет во Скопје, како раководител на службата за самоуправни, правни, општи и персонални работи, а од 1 октомври 1985 година ја преземал должноста на секретар на Економскиот факултет.

Тонче Величковски секретар на Економски факултет во Скопје
Во 1978 година бил избран за член на Извршниот одбор на фондот за заеднички резерви на град Скопје, а на 25 ноември 1997 година се здобил со уште едно признание, со тоа што бил именуван за арбитер на постојаниот избран суд-арбитража во Стопанска комора на Македонија. Учествувал во извршувањето на најразлични општествени и јавни функции.


Саша Ќириќ е поранешен репрезентативец на Македонија во фудбал. Тој е роден на 11 јануари 1968 година и неговите фудбалски почетоци се врзани за фудбалскиот клуб "Слога" од Умин Дол.

Саша Ќириќ фудбалер од Умин Дол репрезентативец
Играл на позицијата напаѓач успешно бранејќи ги боите на повеќе клубови од Македонија и од странство меѓу кои: Металург, Пелистер, Вардар (Македонија), ЦСКА Софија (Бугарија), Арау ( Швајцарија), Нинберг, Тенис Борусија Берлин, Ајнтрахт Франкфурт, Офенбах Кикерс ( Германија). Денес Ќириќ живее и работи во Скопје.