Основање на село Умин Дол

Умин Дол своето име го добил по земјата Ума, која можела да се најде во доловите кои биле во непосредна близина. Оваа земја била специфична по тоа што можела да се користи за перење алишта. Во атарот на Умин Дол првата населба е основана 1908 година. Во неа живееле Мухаџири од Босна. Тоа биле иселеници ( бегалци ) од Босна со муслиманска вероисповест. Тој Стар Умин Дол, како денес се нарекува, се наоѓал 1,5 километри југоисточно од денешното село. Во текот на Првата балканска војна 1912 година со ослободувањето на овие краеви и Македонија од турската власт, ова население се повлекува со турската војска. Со нивното иселување овој атар до 1921 година останува да биде пространо пасиште за околните села.

Наредните години со одлуката на Владата на Кралството на Србите Хрватите и Словенците (СХС) започнува населувањето на новоослободените краеви на Стара Србија и Македонија. Првите доселеници дошле од Лика а населувањето завршило 1928 година. Прв меѓу оние што се доселиле од Лика бил Радован Поповиќ. Вкупно биле доселени 65 домаќинства од следните краеви: Лика - 24 домаќинства, Славонија - 5, Херцеговина - 3, Босна - 5, Црна Гора - 3, Пирот - 4, Централна Србија - 8, Горна Пчиња - 9, други краеви на Македонија - 4. Се доселувале сиромашни домаќинства претежно од планински краеви со слаба имотна состојба. На доселениците им била доделена земја која припаѓала на селската утрина. Животот на овие луѓе бил доста тежок. Требало да се обработи земјата што им била доделена, не поседувајќи притоа доволно земјоделски алатки. Приносите биле мали, а гладните усти во семејствата многубројни.

Прослава

Годините поминувале, а населението на Умин Дол живеело во слога и хармонија со луѓето од соседните села. Соочувањето со тешките животни проблеми и сиромаштијата биле и главните причини кои придонесувале за тоа, затоа што само на тој начин можеле да излезат како победници во животната борба. Доселениците донеле разни искуства од своите краеви во начинот на обработка на земјиштето, така што ралото било заменето со плуг, пченката веќе не ја сееле туку почнале да ја садат во редови, наместо пченицата осатка почнале да сејат мурејка која давала поголеми приноси. Со почетокот на Втората светска војна во 1941 година Бугарите со помош на домашните потпомагачи од Умин Дол протерале 55 домаќинства. По завршувањето на војната мал дел од протераните се вратиле на своите огништа, а поголемиот дел останале расеани низ Србија. Во испразнетите куќи биле доселени бегалци од Косово и тоа во периодот на 1941 и 1942 година. Со аграрната реформа во 1946 година биле населени и 13 домаќинства од околината на Крива Паланка.


Училиште Карпош Умин Дол

Првото четворогодишно училиште во Умин Дол било отворено во 1924 година, а прв учител бил Стево Рмбалија. Наставата се одржувало во приватни куќи и тоа во домаќинствата на Вељко Дутиновиќ и Милан Будисављевиќ. Изградбата на училишната зграда започнала 1927 година, кога за учител дошол Драгутин Мартиновиќ по потекло од Црна Гора. Тој останал се до 1941 година кога бил протеран од бугарските окупатори. Училиштето било завршено и осветено во 1929 година. И за време на бугарската окупација се продолжило со образовната дејност со тоа што учителите биле доведувани од Бугарија. Од 1946 година наставата се изведува на српски јазик. Во наредните неколку години се зголемува бројот на ученици, а од 1961 година дотогашното четворогодишно училиште станува осумгодишно. По ослободувањето прв учител бил Стојко Атанасовски, а по него како учители работеле Боривоје Ристиќ, Тодос, Угљеша, Васка Томиќ Гребенарова, Живојин Крстиќ и други.

После Втората светска војна Умин Дол се развива во модерно урбанистичко село со развиено земјоделско производство, станувајќи пример за околните селски средини. Во 1947 година се формира земјоделската задруга Слога која успешно функционира шеесетина години. Голем број жители на Умин Дол и околината се вработуваат во оваа земјоделска задруга. Сепак Слога не успева да се спротистави на големите потешкотии наметнати како резултат на некои општествено политички случувања и моментално е под стечај. Значајно е да се спомене дека од Умин Дол потекнуваат голем број дипломирани професори, инженери, економисти, правници и некои други занимања кои работат во Скопjе и Куманово и ширум Србија.

                 Изворен текст: Радомир Петковиќ              Обработка на текст: Стојан Трајковиќ